Култна новела од шкотскиот писател Р. Л. Стивенсон објавена во 1886 година. Имињата на доктор Џекил и на господин Хајд, кои се двете алтер ега на главниот лик, денеска претставуваат културолошка парадигма кога се работи за феноменот на прикажувањето на неконвенционалното и разуздано контрадикторно однесување на поединецот во модерниот свет со сите негови контрасти и особености, со ставање посебен акцент на рамнотежата помеѓу приватното и јавното јас и на последиците од нарушувањето на оваа секогаш кревка рамнотежа. Ова ремек-дело на Роберт Луис Стивенсон за двојноста на доброто и на злото во човековата природа изникнува од најтемните длабочини на неговата сопствена потсвест – за време на кошмар од кој го разбудила неговата сопруга, потресена од неговите вресоци. И повеќе од сто години подоцна, приказната за кроткиот д-р Џекил и за дрогата што ја ослободува неговата зла внатрешна личност – одвратниот и изопачен г-дин Хајд – не ја има изгубено својата способност да шокира. Нејзината реалистична нарација што заличува на распит во полициски стил застрашувачки ја раскажува очајноста на Џекил додека Хајд ја презема контролата врз неговиот дух – и им дава глас на нашите сопствени стравови од насилството и од злото што секој од нас може да го носи во себе.
Напишете мислење/рецензија