Пишувам само затоа што во мене има глас што не сака да мирува. Единствениот роман на поетесата Силвија Плат е објавен под псевдонимот Викторија Лукас, еден месец пред да го заврши својот живот. Тој е обид да го промисли својот живот преку зборовите, зашто за неа пишувањето отсекогаш значело создавање, измислување нов и поинаков свет. Но тој е и обид да се издигне над суровата реалност обележана од осаменост и отуѓеност, над стравот од ненаоѓање на вистинските зборови и сомневањето во сопствениот гениј, кои полека ѝ ги сушат имагинацијата и творечкиот дух. Плат не раскажува само за најтешкиот дел од сопствениот живот туку и за сите нас – обележани од болка и недостиг, од мечти и мали радости. Нејзината хероина е слика за човекот застанат пред амбисот на својот живот, соочен со суштинските прашања: Што направив? Кој сум јас? Како се случи да се изгубам на својот пат? Полн со рационално лудило, хумористични и вознемирувачки подеми и падови, „Стакленото ѕвоно“ е безвременска слика на човековата состојба. Колку и да е таа трагична, сепак Силвија Плат ја обојува со неопходен поттик. „Животот е трка на двесте метри со пречки“, вели таа во својот дневник. „А пречките треба да се прескокнат.“
Напишете мислење/рецензија